По завршувањето на драматичните светски квалификации, следува првиот чекор кон толку очекуваното Светско првенство во САД, Канада и Мексико следната година – извлекувањето на ждрепката за турнирот. Церемонијата ќе се одржи во 18 часот по македонско време во Центарот „Кенеди“ во главниот град на САД, Вашингтон. Ова ќе биде прво Светско првенство со вкупно 48 екипи, но сè уште има шест непополнети места, кои ќе бидат распределени во март следната година.
Мундијалот 2026 ќе трае повеќе од еден месец, започнувајќи на 11 јуни и завршувајќи на 19 јули. Секој од трите домаќини ќе го одигра групното ниво на свој терен. Натпреварот на отворањето ќе се одржи на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико сити, а финалето – на „МетЛајф Стејдиум“ во Њу Џерси, САД.
Американците ќе бидат домаќини на најмногу натпревари – 78, додека Канада и Мексико ќе организираат по 13 натпревари.
Четири од останатите места ќе се определат преку плејофите на УЕФА, каде што сè уште надежи имаат: Македонија, Албанија, БиХ, Чешка, Данска, Италија, Косово, Северна Ирска, Полска, Ирска, Романија, Словачка, Шведска, Турција, Украина и Велс.
За останатите две места ќе се борат: Боливија, ДР Конго, Ирак, Јамајка, Нова Каледонија и Суринам во светскиот плејоф.
Домаќините ќе ги заземат позициите А1 (Мексико), Б2 (Канада) и Д2 (САД) според веќе објавената програма на натпревари. Останатите екипи ќе бидат распределени во четири шешири врз основа на ранг-листата на ФИФА:
Шешир 1: Канада, Мексико, САД, Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија, Германија.
Шешир 2: Хрватска, Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Иран, Република Кореја, Еквадор, Австрија, Австралија.
Шешир 3: Норвешка, Панама, Египет, Алжир, Шкотска, Парагвај, Тунис, Брегот на Слоновата Коска, Узбекистан, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Африка.
Шешир 4: Јордан, Капе Верде, Гана, Курасао, Хаити, Нов Зеланд, европски плејоф А, Б, Ц и Д, плејоф турнир на ФИФА 1 и 2.
Ждрепката ќе започне со извлекувањето на селекциите од првиот шешир, а потоа истиот ред ќе се следи и за останатите шешири, при што екипите ќе бидат распоредени последовно во групите.
Церемонијата на ждрепката ќе ја водат актерот Кевин Харт, супермоделот Хајди Клум и актерот Дени Рамирес. За музичкиот дел од програмата ќе се погрижат Никол Шерцингер, Роби Вилијамс, The Village People и Андреа Бочели.
Програмата ќе ја води поранешниот капитен на Манчестер jунајтед и Англија, Рио Фердинанд, заедно со Саманта Џонсон, додека легендата на НФЛ, Елaj Менинг, ќе биде задолжен за црвениот тепих. При извлекувањето на топчињата ќе им помагаат спортски икони како: Том Брејди, Шекил О’Нил, Арон Џаџ и Вејн Грецки.

