Олимписките игри во Париз започнаа. Претседателот на Франција, Емануел Макрон ги прогласи Игрите за отворени. Речиси четири часа траеше шоуто покрај реката Сена во Париз, а отворањето беше пропратено со многу гламур, мода, уметност, спорт, музика, шоу.
Едноставно организаторот одлично си ја заврши домашната задача, иако дождот сакаше да ја наруши перфекцијата.
Откако сите спортисти испловија по реката Сена, а претседателот Макрон ги прогласи Игрите за отворени, започна финалното шоу.
Кулминацијата беше откако анонимен носач му го предаде олимпискиот оган на Зинедин Зидан. Потоа факелот од рацете на Зидан беше предаден на Рафаел Надал кој не е Французин, но е тениски крал на Ролан Гарос со неверојатни 14 титули на францускиот гренд слем.
Надал со факелот се качи во глисер и заедно со Серена Вилијамс, Надиа Команечи и Карл Луис го продолжија патувањето кон крајната дестинација.
Факелот повторно на копно го превзема тенисерката Амели Морезмо, а потоа помина во рацете на Тони Паркер и пристигна во Лувр. Тука една цела група на француски спортисти го продолжија патот на факелот до финалната дестинација.
Факелот го носеше и легендарниот француски ракометар Мишел Гигу и една цела група на заслужни спортисти и легенди. Таму беше дури и Шарл Кост, најстариот жив олимписки француски шампион кој има точно 100 години и има златно одличје од Игрите во 1948 година.
На крајот, огнот го запалија атлетичарката Мари Жозе Перек и џудистот Теди Ринер.