Светот се збогува со Диого Жота (Фото)

Фудбалскиот свет денеска се збогува со трагично починатиот напаѓач на Ливерпул, Диого Жота, чиј погреб се одржува во неговата родна Португалија.

Ливерпул, навивачите и целата фудбалска заедница се во длабока жалост по смртта на 28-годишниот португалски репрезентативец и неговиот брат Андре Силва, кои трагично ги загубија животите во сообраќајна несреќа во Шпанија на 3 јули, во раните утрински часови.

Вчера во Португалија се одржа комеморација со последно простување пред посмртните останки на Жота, каде што стотици ожалостени се собраа за да му оддадат последна почит.

Иако неколку фудбалери на Ливерпул требаше да се вратат во тренинг-базата во петокот за првите претсезонски тестирања, клубот одлучи да го одложи стартот, бидејќи сите во организацијата сè уште се обидуваат да се справат со трагедијата.

Ливерпул обезбедил чартер-лет до Португалија, а фудбалерите предводени од капитенот Вирџил ван Дајк и менаџерот Арне Слот, иако сè уште се на летен одмор, пристигнаа на погребот.

Комеморацијата започна вчера со приватна церемонија за семејството, по што црквата „Матрис де Гондомар“ во Сао Косме беше отворена за јавноста. Граѓаните стрпливо чекаа ред, носејќи бели и жолти цвеќиња, додека на дрвото пред црквата беа поставени свеќи и фотографии на двајцата браќа. Најголемата фотографија го прикажуваше насмеаниот Жота во дресот на Ливерпул, со рацете свиткани во форма на срце.

Присуствуваа бројни познати имиња од фудбалскиот свет и политичкиот врв на земјата. Спортскиот директор на Ливерпул, Ричард Хјуз, заедно со Диого Дало од Манчестер јунајтед, Жота Силва од Нотингем Форест, како и поранешниот репрезентативец Жоао Моутињо беа дел од присутните. Таму беа и претседателот на Португалската фудбалска федерација Педро Проенса и претседателот на Порто, Андре Виљаш-Боаш.

Почит му оддадоа и претседателот на државата Марселу Ребелу де Соуза, премиерот Луиш Монтенегро, како и членови на португалскиот парламент.

Во петокот, на стадионот „Енфилд“ во Ливерпул беше поставен привремен споменик, каде што илјадници навивачи оставија цвеќиња, дресови, шалови и пораки со сочувство. Емоционално присуство имаше и поранешниот капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон, кој положи цвеќе и се потпиша во книгата за жалости.

Делегација на Евертон, во која беа португалските напаѓачи Бето и Јусеф Шермити, како и поранешниот фудбалер Иан Снодин, исто така ја изрази својата почит на „Енфилд“ и положи венци во спомен на Диого Жота и неговиот брат.

- Оглас -

Најнови вести