Во пресрет на Денот на жената, 8 Март, во нашата акција со хуманитарен тикет се вклучи и Катерина Попева, најдобрата спортистка во Македонија за 2025 година.
Викендов женскиот спорт ќе биде актуелен преку настапите на македонските репрезентации во ракомет и фудбал, но светската шампионка во бодибилдинг, Катерина, е идеален соговорник за денеска затоа што освен титулата најуспешна спортистка во Македонија, навива за Реал Мадрид, а Кралскиот клуб токму денеска прославува 124-годишнина од своето формирање.
НАГРАДАТА СПОРТИСТКА НА ГОДИНАТА ПОВАЖНА ОД СВЕТСКАТА ТИТУЛА
„Чувството да се биде најдобра спортистка во Македонија е навистина посебно! Ова признание ми значи повеќе од која било светска титула бидејќи го крунисува целиот труд вложен низ годините. Особено ми е драго што можам да ги мотивирам помладите генерации. Воедно чувствувам и голема одговорност кон јавноста што нè следи и нè поддржува, да покажеме дека со труд, работа и дисциплина секој сон може да стане реалност. Секој што искрено вложува ќе биде награден. Пред 5 или 10 години не можев ни да замислам дека ова ќе се случи, но знаев дека еден ден мојот сон ќе се оствари“, вели Катерина.

Попева признанието го доби благодарение на освоениот златен медал на Светското првенство кое се одржа во Шпанија, и тоа во мешани двојки, во тандем со бодибилдер од Бугарија. Но, не планира да застане само на тоа.
„Следната амбиција ми е да освојам апсолутна титула во боди фитнес на Светско, па и на Европско првенство, како и да полагам за интернационален судија за фитнес и боди билдинг“, открива Попева, која е повеќекратен првак на Македонија.

Катерина во строгиот центар на Скопје има свој модерен фитнес центар, кој го посетуваат многу познати личности, што е доказ дека веруваат во услугата која ќе ја добијат.
„Искрено мислам дека речиси и не постои човек во градов што барем еднаш не вежбал со мене. Тука вежбаат Јанаки Митровски, Живкица Каленикова, Софка Камиловска, Даниел Николовски и многу други прекрасни и урбани луѓе, секој врвен професионалец во својата област и уникатен на свој начин“, вели девојката која е дипломиран моден дизајнер, а љубовта кон бодибилдингот ја негува уште од средношколските денови.
ИМА ФУДБАЛСКА „ЖИЧКА“ И УСПЕХ ВО ИГРИ НА СРЕЌА
Луѓето ја знаат Катерина преку бодибилдингот, но таа потекнува од фудбалско семејство, нејзиниот чичко е еден од најдобрите фудбалски судии што ги имала Македонија.
„Не премногу, ама да, следам фудбал. Сепак, потекнувам од фудбалска фамилија. Тие што долго време следат и се вистински познавачи, моето презиме ќе им каже сè. Инаку омилен клуб ми е Реал Мадрид. Порано се имам обложувано на фудбалски мечеви онака чисто за забава, најголема добивка ми била 60.000 денари, сега веќе не, но можам да кажам дека имам многу среќа во игри на среќа. Мислам дека општо имам среќна ѕвезда, за што сум многу благодарна“, ни рече Катерина, која верува дека хуманитарниот тикет ќе биде добитен и парите ќе бидат донирани на вистинско место.

Многу припаднички на понежниот пол посакуваат да бидат на местото на Катерина, а таа има порака до сите кои задутре ќе го слават 8 Март.
„Секоја жена е убава на свој начин. Негувајте се, работете на себе и бидете безкомпромисни кога станува збор за вашата среќа. Бидете свои, уникатни и посебни. Никогаш не се менувајте себеси за да ги задоволите другите. Бидејќи вистинската убавина доаѓа од среќата, а убава жена е среќна жена“, заклучува за крај Катерина Попева.


