Еден од навивачите кој последните неколку години ја следи фудбалската репрезентација на Македонија на сите гостувања е Синиша Павлески. Според неговата статистика, Македонија ја има гледано на 130 натпревари во живо од стадион, а бил и во 13 земји на гостување. Често е и единствен македонски навивач, како што беше минатата година на пријателските натпревари во Анталија.
Синиша со своето семејство беше и во Вадуц, на отворањето на квалификациите за Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
„Ова гостување можеби требаше и да се одложи бидејќи во вакви тешки моменти за државата најмалку може да се мисли на фудбал. Но, знаејќи го односот кон Македонија на меѓународните агенции и федерации од кој било спорт, ми беше јасно дека натпреварот сепак ќе се одржи. Атмосферата беше невообичаена за натпревар од ваков тип. Нашите навивачи гордо со знамиња и црни маици од една страна ѝ дадоа поддршка на националната селекција, а од друга страна, почит кон трагично загинатите лица во Кочани. Особено потресен момент беше 59-тата минута од натпреварот, кога со скандирање ‘вие сте одбрани’ беше искажана тагата и почитта кон тие млади непотребно изгубени животи“, го започнуваме разговорот со Павлески.
Синиша Павлески не пропушта натпревар на домашен терен кога игра фудбалската репрезентација на Македонија, а последните години ја следи и на гостувањата, дури и на пријателските натпревари.
„Секако дека имам статистика. По неколку пати во Англија, Чешка, Малта, Турција, Лихтенштајн, Хрватска, Италија, Албанија, Романија… Нашата селекција ja имам следено 130 пати, од кои 13 пати ја имам гледано на гостински терен, или 10% од гледаните натпревари во живо. Мора овде да кажам дека во план ми е да се гледаат и сите 55 европски репрезентации, од кои ми останаа само 5 за гледање во живо“, вели Синиша.
Македонија беше блиску до победа и против Велс и до старт од соништата на квалификациите, но за такво нешто нѐ делеа секунди, па Велшаните спасија бод во Скопје.
„Овој несреќен момент во 96-тата минута го доживеав со моментална болка од десната страна на стомакот. Не се шегувам. Бевме шокирани, мислам цела нација. Но, фудбалот понекогаш е таков, суров. Сепак, не треба да се губи надеж. Кога можевме во 1995 да одиграме нерешено во Белгија, зошто тоа да не се повтори и сега? Мислам дека одлучувачки ќе бидат меѓусебните дуели со Казахстан. Во случај на две победи, шансите за второ место и бараж ќе бидат драстично зголемени. Иако бараж очекувам преку успехот што го постигнавме во Лигата на нациите“, оптимист е Павлески.
Синиша веќе се подготвува за следните гостување, во Казахстан, Белгија и Велс, а токму натпреварот во Астана ќе биде најголем предизвик, пред сè поради далечината, но и административните пречки.
„Веќе го планирам следното далечно патување во Азија. Иако Казахстан се натпреварува во УЕФА, сепак е длабоко во Азија. Има доста подготовки, виза, пари, летови, се надевам дека до јуни сè ќе биде во ред и ќе ја заокружам серијата од три години непрекинато следење на Македонската репрезентација дома и во гости. Секако, за тоа е потребна упорност, средства, откажувања, но кога се работи за репрезентацијата, спремен сум да отидам и подалеку од Казахстан. За наесен мислам дека ќе биде полесно да се оди до Белгија и Велс. Секако, во план ми се и тие две гостувања“, го завршуваме разговорот со Синиша Павлески.
Во продолжение тикетот кој го составивме со Синиша, кој ако биде добитен, средствата ќе бидат донирани во хуманитарни цели.