Светски рекорд – Бејзбол-ѕвезда доби договор вреден 430 милиони долари!

Мајк Траут стана спортист со најскап договор во историјата откако тој со својот бејзбол-тим Лос Анџелес енџелс го продолжи договорот за уште 12 години, период во кој ќе му бидат исплатени неверојатни 430 милиони долари (36 милиони по сезона).

МЛБ-лигата во бејзбол е позната по огромните договори. Траут, кој од 2012 наваму е најдобар играч во Лигата, имаше уште две години од стариот шестгодишен договор вреден 144,5 милиони долари. Досегашниот рекорд во бејзболот го држеше Брис Харпер, кој со Филаделфија филис има договор од 330 милиони, сума која Траут ја надмина за 30 проценти.

Најголем спортски договор досега беше оној на боксерот Канело Алварес, кој потпиша петгодишен договор од 365 милиони, за преноси на сервисот ДАЗН за неговите 11 борби.

Од десетте најголеми договори во спортот, дури девет се на бејзбол играчи, а единствен од другите спортови што им прави друштво е договорот на боксерот Алварес. Во кошарката, најголем договор има Џејмс Харден, кој за четири години ќе добие 228 милиони. Кај фудбалерите, лидер е Герет Бејл, кој од Реал за шест години има добиено 145 милиони.

- Оглас -

Најнови вести