На ист начин работеше и Бубка, кој покрај 17 светски рекорди на отворено, во сала постави уште 18 и добро си го зголемуваше буџетот, но сумите тогаш беа неспоредливo помали.
Последниот ден на јули 1994 година, Сестриере, Италија. Сергеј Бубка прескокнува 6,14 метри и на отворено го поставува својот 17-ти и последен светски рекорд во скок со стап. Украинецот, во тоа време недопирлив владетел на дисциплината со шест последователни светски златни медали, за сите остана апсолутно најголемиот скокач со стап – дури и кога неколку години подоцна Французинот Рено Лавиљени во 2014 година го симна од престолот со прескокнати 6,16 метри.
Денес, десет години подоцна, и најголемите обожаватели на Бубка свесни се дека во приказната за најголемиот доаѓа некој друг. Откако, токму пред пандемијата на корона-вирусот, само со 20 години за првпат го урна светскиот рекорд на Лавиљени за еден сантиметар, Арманд Густав Дуплантис (25) поставува нови, можеби засекогаш недостижни стандарди во скок со стап. Иако кога Бубка пред 40 години првпат ги надмина легендарните шест метри, многумина мислеа дека никој повеќе нема да го постигне тоа.
На Светското првенство во Токио, високиот Швеѓанец, роден во Америка (татко Американец), но кој реши да настапува за татковината на својата мајка, по третпат стана светски првак, како втор скокач со стап по Сергеј Бубка кој успеал да освои златен хет-трик на мундијалите.
А тоа го направи на начин што веќе стана навика толку што просечниот следбеник на атлетиката на неговите рекорди реагира: „Аха, еве го пак, ништо ново“.
Чудесниот Дуплантис по 14-ти пат го урна светскиот рекорд и третпат по ред стана светски првак.
Дуплантис во Токио по 14-ти пат го постави најдобриот резултат во историјата, односно 13 пати, освен првиот, кога го надмина Лавиљени, успеа да се надмине самиот себе. Откако со 6,15 метри си го обезбеди златото, ја постави летвичката на 6,30. Двапати неуспешен, но во третиот обид „полета“.
Колку е тоа високо и доминантно, доволно кажува фактот дека вицешампионот, Гркот Маноло Каралис, го освои среброто точно со шест метри – цели 30 сантиметри помалку! Никој не го победил ова шведско чудо на последните 36 натпревари.
Ова беше четврти светски рекорд за Дуплантис само во 2025 година и за него заработи 100.000 долари. За златниот медал доби уште 70.000 долари. За некого многу, за некого ситница. Но, за споредба – Арина Сабаленка и Карлос Алкарас за освоениот Отворено првентво на САД заработија по пет милиони евра, најголемата тениска награда во историјата.
Во атлетиката, иако е „кралица на спортовите“, не се вртат ни приближно такви суми. Затоа Дуплантис реши максимално да ја искористи својата генијалност и доминација во скокот со стап. Секој рекорд го уриваше за по еден сантиметар и за секој добиваше парични награди. Максималната е 100.000 долари и се исплаќа еднократно на едно натпреварување – дури и да урне два рекорди, ќе добие 100.000 долари.
Затоа Дуплантис секогаш запира веднаш по уривање на рекордот.
Имало и помали награди: на пример, за вториот светски рекорд во 2020 година во Глазгов доби 30.000 долари, а минатата година во Полска во Дијамантската лига – 50.000 долари. Како и да е, Дуплантис само од 14-те светски рекорди стана милионер, без да се бројат бонусите од неговиот спонзор „Пума“.