Откриена е платата на мегаѕвездата на Ал-Наср, Кристијано Роналдо. Вчера 40-годишниот Португалец го продолжи договорот со саудискиот клуб до летото 2027 година.
Според информации кои ги објави новинарот Танкреди Палмери, Роналдо наводно ќе добива рекордни 263 милиони евра годишно, со што ќе биде убедливо најплатениот фудбалер на светот.
Доколку се точни податоците на Палмери, второто место според годишната плата го делат Карим Бензема од Ал-Итихад и Лионел Меси од Интер Мајами со по 200 милиони. Никој друг нема заработка поголема од 80 милиони.
Според британски „Сан“, Роналдо ќе има фиксна годишна плата од 208,65 милиони евра (573.306 дневно).
Покрај годишната плата од 208 милиони евра, Роналдо ќе добие и гарантиран бонус за потпис од 28 милиони евра, кој ќе се зголеми на 44,58 милиони евра ако ја активира втората година од договорот. Извор од Саудиската професионална лига изјави за „Сан“ дека Роналдо ќе добие 15 проценти од сопственичкиот удел во клубот, во вредност од 38 милиони евра.
Тука се и бонуси од 4,69 милиони евра за освојување на „Златната копачка“ и 9,39 милиони евра доколку Ал-Наср го освои саудиското првенство. Ако ги оствари сите цели, Роналдо би можел да заработи повеќе од половина милијарда евра пред да му истече договорот.
Роналдо и неговото семејство ќе бидат исклучително добро згрижени и надвор од теренот, открива „Сан“. Ќе имаат 16 луѓе кои ќе работат за нив со полно работно време: тројца возачи, четири домаќинки, двајца готвачи, тројца градинари и четири обезбедувачи. Сето ова ќе го плати „Ал Наср“ за околу 1,64 милиони евра.
Тој ќе има на располагање и приватен авион вреден речиси пет милиони евра, а му се ветени и спонзорски договори со саудиски компании кои би можеле да достигнат 70 милиони евра.
Мораа да му дадат сè што сака и да направат сè за да го задржат затоа што знаат дека постоењето на лигата и дел од нејзината иднина зависи од присуството на CR7.