Вторпат во историјата и воедно вторпат во низа, две скандинавски земји ќе одлучуваат околу тронот на светскиот ракомет. Актуелниот светски шампион Данска, попладнево (17:30 часот) ќе ги одмери силите против Шведска во борбата за златниот медал на Мундијалот кој се одржува во Египет.
Во дуелот на единствените две непоразени селекции, Данска е фаворит да го одбрани тронот според квотите во Sport Life, и со евентуална втора титула да завладее со ракометот уште две години.
Данска со евентуален триумф би била втора селекција која во изминативе 47 години освојува две светски титули во низа, додека пак Шведска чека 22 години на златен медал, токму од Мундијалот во 1999 година кој исто така се играше во Египет.
Швеѓаните како најпријатното изненадување на СП без голем број на важни играчи стигнаа до големото финале, а нивниoт поход почна со убедливиот триумф над Македонија во првото коло, по што до битката за главната премија стигнаа без пораз, односно со учинок од шест победи и две ремија.
Данците се мачеа само со домаќинот Египет во драматичното четвртфинале кое се одлучи на пенали, а пред тоа имаа максимален учинок од шест победи. Микел Хансен како најголема ѕвезда и предводник на оваа генерација, ќе биде најголема закана за Шведска, која пак исто така треба да најде начин како да го надмудри расположениот Ландин на голот.
Во светски рамки, овие две селекции последен пат се сретнаа на СП 2019 во групната фаза, меч кој Данска го доби со 30:26, додека Швеѓаните триумфираа во полуфиналето на ЕП во 2018 година, за подоцна да бидат надиграни од Шпанија во големото финале.
Два часа пред битката за златниот медал, силите ќе ги одмерат Шпанија и Франција во дуелот за третото место.