Светскиот фудбалски шампион со Аргентина од Мундијалот во 2022 година, Алехандро Папу Гомес за само неколку недели треба да се врати на фудбалскиот терен. Поранешниот фудбалер на Аталанта и Севилја ја привршува годинашната суспензија која ја заработи поради користење на допинг.
Папу Гомес во октомври 2023 година беше позитивен на забранетата супстанца тербуталин, која беше пронајдена во сирупот против кашлица на неговите деца. Искусниот 37-годишен играч од средниот ред беше категоричен дека нема намера да се пензионира. Аргентинецот дури потпиша договор со тимот од Серија Б, Падова, каде што веќе тренира со своите нови соиграчи.
„Првите неколку месеци беа тешки. На почетокот ми беше тешко да гледам фудбал, го исклучив телевизорот. Фудбалот беше мртов за мене. Се изолирав и почнав да работам со психолог бидејќи тоа беше циклус од кој не можев да излезам. Зошто да ме пензионираат вака ако не е мое време? Зошто двајца или тројца луѓе во одела и вратоврски кои никогаш не спортувале да одлучуваат кога ќе се пензионирам? Добив две години затоа што го испив сирупот против кашлица на мојот син. Кој добива толку многу? Земаат кокаин, пушат џоинт и добиваат по шест месеци суспензии. Кога работите одат добро, сите се тука, а кога не се, никој не е. Бев изненаден колку луѓе исчезнаа. Нема да живеам со спомени. Не можам да влезам во мојата куќа и да видам гол што го постигнав пред пет години. Која е поентата на тоа? Најважно е да се живее во сегашноста“, изјави Гомес за еден локален подкаст, додека чека целосно да му истече суспензијата за повторно да се врати на теренот.