Светскиот шампион поразен, домаќинот Франција ќе се бори за кошаркарско злато на ЛОИ

Домаќинот на Летните олимписки игри, Франција, е првиот финалист на кошаркарскиот турнир, откако во полуфиналето го совлада светскиот шампион Германија со 73-69. Французите сега ќе го чекаат исходот од мечот помеѓу САД и Србија за да дознаат кој ќе биде нивниот противник во борбата за златниот медал.

Германија одлично го започна мечот и по стартната серија од 6-0, дојде и до убедливи +10, односно 12-2, предност која успеа да ја задржи до крајот на четвртината за водство од 25-18. Во вториот период, домаќинот на ЛОИ заигра поангажирано и се избори за нерешено, 33-33 на полувремето.

Во второто полувреме Франција диктираше темпо и периодот го заврши со водство од шест поени разлика, додека во последната четвртина домашните кошаркари дојдоа и до најубедливите +13, односно 66-53. Но, тука не беше крајот на мечот иако многумина така помислија. Германија со одлична игра успеваше да ја намали предноста на Франција, а на 10 секунди пред крајот на мечот беше 70-68 за домашните, но како да немаа сили за комплетен пресврт.

Денис Шредер со 18 поени беше најефикасен на мечот, додека во победничкиот состав најпрецизен беше Гершон Јабуселе со 17 поени.

- Оглас -

Најнови вести