Квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година се во полн ек, а веќе се размислува за тоа што треба да биде четири години подоцна, односно во 2030 година. Таа 2030 година ќе се слави 100 години од првото Светско првенство, кое во 1930 година се играше во Уругвај.
Претседателот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), Алехандро Домингес, даде предлог тој Мундијал во 2030 година да биде одржан дури со 64 репрезентации.
ФИФА веќе одлучи, Светското првенство во 2030 година да се игра на три континенти, а домаќини ќе бидат Уругвај, Парагвај, Аргентина, Шпанија, Португалија и Мароко.
„Уверени сме дека прославата на стогодишнината ќе биде единствена затоа што само еднаш се слави 100 години“, рече Домингес во воведниот говор на 80-тиот редовен конгрес на КОНМЕБОЛ и додаде: Затоа предлагаме оваа годишнина да биде одбележана со 64 репрезентации на Мундијалот“, порача првиот човек на фудбалот во Јужна Америка.