Секако дека сагата околу Нејмар и неговото враќање во Барселона не заврши со затворањето на летниот преоден рок. Иако остана во ПСЖ и покрај притисокот да добие дозвола да се врати во Каталонија, Бразилецот и натаму има намера да го стори тоа, а според последните информации кои доаѓаат од Франција, најавениот камбек може да се оствари следното лето.
Наводно, сега ПСЖ ѝ го нуди Нејмар на Барселона, но францускиот првак постави еден услов. Светците бараат 140 милиони евра во кеш, заедно во пакет со тинејџерската сензација Ансумане Фати. Иако и на овој начин ПСЖ би биле во финансиска загуба знаејќи дека за Нејмар платија рекордни 222 милиони евра во 2017 година, вака барем ќе ги добијат услугите на еден од најперспективните млади фудбалери на денешницата, кој за брзо ги освои симпатиите на јавноста.
Вредноста на Фати е околу 40 милиони евра, плус 140 милиони евра кои ги бараат ПСЖ значи дека трансферот на Нејмар би вредел 180 милиони евра, што е подобро во однос на цената која Светците ја бараа изминатово лето (200 милиони евра).
Единственото прашање е дали Барселона ќе го жртвува суперталентираниот Фати со цел да го врати назад миленикот кој ги изневери пред нецели три години.