Леон Горецка веќе седум и пол години е дел од Баерн Минхен откако летото 2018 година како слободен фудбалер се пресели од Шалке во редовите на Баварците. Сепак, фудбалерот од средниот ред оваа сезона на ниту еден од шесте меча од Лигата на шампионите не беше стартер, а во Бундеслигата најчесто беше менуван по еден час игра.
Договорот со Баварците му истекува налето, па лесно може да се случи германскиот репрезентативец за првпат во кариерата да направи трансфер надвор од татковината, со оглед на тоа дека интерес за негов ангажман има од премиерлигашот Тотенхем.
Вредноста на Германецот во моментов е 15 милиони евра, што е далеку од 70 милиони евра, колку што вредеше пред четири години, па цената за негово купување уште во јануари нема да биде превисока.
Горецка за репрезентацијата на Германија одигра 67 натпревари, на кои постигна 15 гола, а во кариерата освен за Шалке и Баерн Минхен, настапуваше уште и за Бохум, од каде што и потекнува.

