Иако до самиот крај на преодниот рок не беше јасно дали Фермин Лопес и во иднина ќе биде дел од Барселона, сепак тој се промовираше во еден од клучните фудбалери на Каталонците. На последниот меч против Хетафе се повреди и ќе биде надвор од терените околу 20-тина дена, но во едно интервју се потсети на своите почетоци во Ла Масија.
„Мојот прв ден во Ла Масија беше натешкиот во мојот живот. Тоа беше првпат да заминам од дома сам и многу плачев. Барселона имаше интерес за мене уште кога имав 11 години, но тогаш мојот татко рече ‘не’ бидејќи бев премногу мал. Две години подоцна повторно се јавија од клубот со ултиматум дека тоа е последниот воз. Почетокот не беше лесен, морав да бидам далеку од семејството и пријателите. Ми беше многу тешко, но направивме добра група со Чави Симонс и останатите момци“, раскажува Фермин.

