Ѕвездата на Манчестер сити, Родри, се најде во проблеми. Полицијата во градот потврди за британските медиуми дека е запознаена со поплаките од соседите на шпанскиот репрезентативец и дека води истрага по обвиненијата поврзани со неговите летови со дрон.
Медиумите на Островот дури објавија дека Родри бил пријавен за нарушување на приватноста на своите соседи со дрон. Тие тврдат дека леталото на фудбалерот на Манчестер сити прелетало покрај нивните прозорци и ги исплашило.
„Живеам со партнерот на висок кат и додека гледаш телевизија, последното нешто што очекуваш е да видиш дрон на еден метар од прозорецот“, се пожали еден од соседите на Родри.
Друг станар, кој живее со својата девојка на 34-тиот кат во зградата каде што живее и Родри, тврди дека една вечер додека гледале телевизија виделе трепкачко зелено светло пред прозорецот, кое подоцна се преместило во дворот на шпанскиот фудбалер на последниот кат.

