Ансу Фати своевремено вредеше 80 милиони евра, а светот на него гледаше како на наследник на Лионел Меси. Барселона му ја даде легендарната „десетка“, но и плата од 14 милиони евра, што е трета највисока во актуелниот ростер на Каталонците.
Сепак, кариерата на Фати не се одвиваше според очекуваното, па минатата сезона ја мина на позајмица во Брајтон, а оваа се врати во Барселона, пред сè, поради добрите игри во Премиер лигата, но и во подготвителниот период. Откако не ја доби минутажата која ја очекуваше, но и не се откажа од високата плата, Барселона по секоја цена ќе го продаде летото, а Ханси Флик му порача дека не смета на неговите услуги.
Интерес за Ансу Фати има од Севиља, Бетис и Реал Сосиедад, но во игра сега е и Монако, кој е најконкретен и сака веднаш да го ангажира 22-годишниот фудбалер. Понудата на Монако би била помеѓу пет и десет милиони евра, што е прифатливо за Барселона, од каде што сакаат само да се ослободат од неговата висока плата, па обесштетувањето и не им е најважно во целата оваа ситуација.