Епидемиолози од Светската здравствена организација (СЗО) апелираат дека фудбалското првенство во Белорусија мора веднаш да биде прекинато, затоа што загрижувачки стануваат бројките на луѓето кои се заразени и починати во оваа земја. Според последните податоци, во Белорусија има 2.226 позитивни на Коронавирусот и 23 починати.
„Бројот на позитивните во Белорусија нагло расте. Во последните 2-3 дена бројката на заразени е речиси удвоена, а тоа е опасно. Податоците кои ги гледаме покажуваат дека има зголемен пораст на бројот на заболени. Затоа и апелираме да се стопираат масовните настани како што е спортот“, вели доктор Патрик О’Конор.
На овие апели од СЗО, властите во Белорусија одговорија дека денеска нема да има промена на планот, а тоа е да се одиграат трите меча од домашното првенство.
Сепак, јасно е дека навивачите полека започнаа со избегнување на стадионите, па на последните неколку меча, трибините се речиси празни и има по околу 200 гледачи.