МЗТ Скопје Аеродром е единствен од трите македонски екипи кои беа дел од АБА 2 лигите, а успеа да заврши меѓу првите осум на табелата и ќе игра во плејофот за пласман во АБА 1.
Аеродромци завршија на петтото место на табелата со осум победи и пет порази, па сега во плејофот ќе игра против Широки Бријег. Босанскиот тим ќе ја има предноста на домашен терен во обид кој тим прв ќе стигне до две победи за место во полуфиналето.
Ако се знае дека МЗТ Скопје Аеродорм е актуелен шампион и освојувач на Купот и Суперкупот на Македонија и тим кој доминира во последниве 10-тина години, а во втората лига од регионалното натпреварување не може да заврши меѓу Топ 4, може да се рече дека ова е неуспех за најтрофејниот македонски клуб.
МЗТ успеа барем да игра во плејофот, останатите две македонски екипи беа уште послаби. Пелистер ги загуби последните две средби од првенствениот дел и на крајот заврши на десеттото место на табелата со пет победи и осум порази.
Третиот македонски преставник во АБА 2 лигата беше ТФТ Скопје и тоа е тимот кој на крајот заврши на дното од ова натпреварување. ТФТ на своето конто имаше само две победи и дури 11 порази и кош-разлика од минус 141.
Ако се собере вкупниот биланс на трите македонски екипи во АБА 2 лигата, ќе стигнеме до 15 победи и дури 24 порази, што е поразителен факт, но и ја покажува реалната слика зошто во АБА 1 лигата во последните неколку години само една сезона играше МЗТ Скопје Аеродром, а сите останати сезони елитното регионално натпреварување е без македонски претставник.