Само четири кола се одиграни во италијанската Серија А, а веќе нема тим со максимален учинок, што само може да биде најава за интересно првенство. Ако се погледне табелата, по четири одиграни мечеви, изненадувачки е дека на лидерската позиција е тимот на Удинезе.
Удинезе во сезоната стартуваше со реми на гости кај Болоња (1:1), а потоа следуваат три победи. Со 2:1 го победија Лацио, потоа минимално со 1:0 го победија Комо, а вчера направија пресврт и со 3:2 се радуваа на триумф на гости кај Парма.
Интересно е дека Парма во првото полувреме водеше со 2:0, но гостите од Удине не се предадоа. Во вториот дел гостите направија целосен пресврт и на крајот се радуваа на триумф од 3:2, па Удинезе е единствен тим со 10 бода по четири кола.
За Удинезе ова е првпат во последните 13 години да биде на лидерската позиција по завршување на едно коло. Последен пат тимот од Удине бил лидер во Серија А во сезоната 2011/12, по завршување на седмото коло.