Македонските таеквондисти Андреј Василевски и Христијан Симоновски блескаа на меѓународниот турнир „Скопје опен Рамус“ од Г1 серијата, освојувајќи златни медали во јуниорска конкуренција. Натпреварот се одржува викендов во спортскиот центар „Јане Сандански“ и привлекува врвни борци од целиот свет.
Андреј Василевски, член на ТКД Бутел, доминираше во категоријата до 59 килограми. По убедливи победи над Кристијан Петров (Бугарија) и Елбоген Итај (Израел), во полуфиналето се соочи со својот сонародник Филип Каревски, кого исто така го победи. Во финалната пресметка, Василевски ја круниса својата одлична форма со триумф над Виктор Сетвиќ од Шведска.
Христијан Симоновски од ТКД Младост ја покажа својата класа во категоријата до 63 килограми. На патот до златото, најпрво го совлада Емир Хониќ (Босна и Херцеговина), потоа го елиминираше Бугаринот Јордан Ангелов, а во финалето триумфираше против Станислав Митков, исто така од Бугарија.
Покрај двата златни медали, македонските натпреварувачи освоија уште две одличја. Мартина Наумовска од ТК Феникс Кик (до 55 кг) се закити со сребро, додека Антонио Негријовски (до 45 кг) донесе бронзен медал за Македонија.