-1.2 C
Skopje
четврток, 18 декември 2025

Тага во Еквадор: Во престрелка е убиен 33-годишен репрезентативец

Еквадорскиот фудбал тагува по веста дека поранешниот репрезентативец Марио Пинеида ноќеска е убиен во вооружен напад во Гвајакил. Левиот бек на еквадорската Барселона имаше 33 години.

Според полицискиот извештај и локалните медиуми, Пинеида бил убиен во средата попладне, во северниот дел на Гвајакил, во просторија на месарница.

Напаѓачите на мотоцикли отвориле оган врз група луѓе, при што смртно настрадале Пинеида и уште една жена, додека неговата мајка била ранета и пренесена во болница.

Министерството за внатрешни работи на Еквадор и полицијата потврдија дека станува збор за намерен, целно изведен напад и дека истрагата е во тек, без информации за апсења или официјален мотив.

Клубот Барселона Гвајакил објави соопштение во кое со длабока тага ја потврди смртта на својот играч по атентатот врз него и изрази сочувство до семејството и навивачите.

Марио Пинеида е роден во 1992 година во Санто Доминго и се афирмира како борбен дефанзивец, поради што го носеше прекарот „Питбул“. Играше за неколку значајни еквадорски клубови. Потекнува од Индепендиенте дел Ваље, настапуваше за Ел Насионал, а најголем белег остави во Барселона, со која освои две национални првенства.

Во 2022 година настапуваше и за бразилскиот Флуминенсе, додека за репрезентацијата на Еквадор запиша девет настапи меѓу 2015 и 2021 година, учествувајќи во квалификациите за светските првенства во Русија 2018 и Катар 2022.

Неговата смрт дополнително ја засили расправата за насилството и безбедносната криза во Еквадор, каде што вооружените напади и убиства поврзани со банди во последните години драматично се зголемија.

- Оглас -

Најнови вести