Митрески и Талески знаат што сака Македонија: Ќе го дадеме последниот атом на секој меч за пласман во втор круг

Голманот Никола Митрески и бомбардерот Филип Талески ќе бидат меѓу главните адути на Македонија во обидот да се направи подвиг за пласман во вториот круг на ракометниот Мундијал во Полска и Шведска.

Ние сме во групата во Краков со фаворизираните Норвешка, Холандија и Аргентина, а ни треба барем една победа за да играме во следната фаза.

Тоа е и главната цел на македонската репрезентација на Светското првенство по делумната смена на генерациите.

„Заслужено се пласиравме на Светското првенство, а воопшто не беше лесно, па дуелите со Норвешка, Холандија и Аргентина ќе ни бидат показател до каде сме во однос на ракометната елита. Ќе дадеме сè од себе, последниот атом од силите на секој меч за да забележиме барем една победа за пласман во вториот круг“, вели Митрески.

И тој и Талески имаат повреди кои не се премногу сериозни, а според изјавите и двајцата ќе настапат на дуелите во Краков и се подготвени за голема битка против ривалите во нашата група.

„Групата е исклучително тешка, но нема бегање од реалноста. Се подготвивме и не се плашиме.

Покажавме и во периодот пред Мундијалот дека можеме да играме брз, едноставен и модерен ракомет. Секако ќе обрнеме повеќе внимание на играта во одбраната, што очекувам да ни донесе добри резултати. Јас велам зошто и да не бидеме едно од изненадувањата на турнирот“, изјави Талески.

Првиот меч на СП ни е на 13 јануари со Норвешка, па ни следува меч со Холандија два дена подоцна и потоа завршниот натпревар во групата со Аргентина на 17 јануари.

Првопласираните три селекции ќе играат во вториот круг на шампионатот.

 

- Оглас -

Најнови вести