Македонија ја забележа и втората победа во групната фаза од Светскиот ракометен собир со 28:23 над Бахреин. Филип Талески одигра солиден натпревар, постигна три гола од седум обиди, а по мечот истакна дека одбраната беше клучна во денешниот триумф.
Македонија веќе утре ја очекува нова пресметка, против Хрватска (18 часот), а Талески смета дека тој дуел е клучен за нашата репрезентација.
„Не можам да кажам дека победата е рутинска, игравме против доста квалитетна селекција кој има шанси да изненади фаворит, така беше и во првиот натпревар. Ние одигравме максимално во одбраната, во тој сегмент го добивме натпреварот, додека имавме доста грешки во нападот, доста избрзани шутеви, со таков напад нема да имаме многу шанси за позитивен исход во следните три натпревари. Научени сме да играме на ваков турнирски систем, подготвени сме и за дуелот со Хрватска, кој според мене е клучен за нас, иако имаме помалку од еден ден да се подготвиме“, истакна Талески.