Талески: Репрезентацијата сега има нови лидери

Ракометната репрезентација на Македонија со денешниот собир ги започна подготовките за настапот на Светското првенство што во јануари идната година ќе се игра во Шведска и Полска. На ракометниот Мундијал, Македонија за првпат по две децении ќе има нови лидери во репрезентацијата, Кирил Лазаров теренот го замени со клупата и е селектор, а нови лидери ќе бидат Дејан Манасков, Филип Кузмановски и Филип Талески.

Бекот на Вардар, кој со одличните игри во баражот е најзаслужен за пласманот на Светското првенство, вели дека тој и најискусните се подготвени да бидат лидери на новата подмладена репрезентација. Македонија се наоѓа во група со Норвешка, Холандија и Аргентина.

„Конечно дојде промената на составот со повозрасните ракометари, имавме голема помош во баражот, каде што целото искуство ни го префрлија нам и ни кажаа дека ние сме на терен и треба да бидеме лидери. Сепак, на големите натпреварувања е поинаку, секој втор ден се игра натпревар и затоа се собираме порано. Ни недостигаат само двајца ракометари, Кузмановски и Митревски, но овие 10 дена да ги искористиме за основни подготовки. Последните 10 дена пред настапот треба да видиме што ни недостига на тие контролни натпревари и потоа да ги коригираме грешките. Уште кога беше ждрепката, имав чувство дека ќе ни падне најтешката група и навистина е најтешка затоа што во останатите има некои африкански репрезентации. Кај нас се падна Аргентина од Јужна Америка, која во изминатиот период покажа дека има квалитет. Ова е тешка група, но одиме чекор по чекор. Треба да ги анализираме противниците, кои исто така ќе играат други натпревари. Ги знаеме добро сите селекции и се надеваме дека нашиот селектор ќе направи добра тактика за да се прикажеме во најдобро светло“, вели Филип Талески.

Веднаш по собирот, ракометарите заминаа за Маврово, каде што ќе ја одработат првата фаза од подготовките и токму таму ќе ги одиграат првите два контролни натпревари против Црна Гора. Овие силни проверки ќе бидат добредојдени за играчите од Вардар, кој поради суспензијата од ЕХФ, е исфрлен од Лигата на шампионите.

„Разговаравме со селекторот дека ни требаат повеќе силни натпревари, па затоа закажавме силни контроли, две со Црна Гора пред 1 јануари, па потоа на гости кај Хрватска. Тоа се сериозни селекции, па ќе се обидеме да надоместиме за таа празнина од европските натпревари“, смета Талески.

- Оглас -

Најнови вести