Филип Талески е еден од оние играчи од кои се очекува да блесне на ова Европско првенство. Левиот бек, кој игра во бундеслигашот Балинген, го очекува четвртото големо натпреварување и знае како е да се игра на вакви важни мечеви.
„Во минатото имаме покажано дека и во многу потешки групи сме можеле да играме и да се носиме, но ова е една најизедначена група, секој тим има 25% шанса за понатаму, секој секого може да победи. Наша задача е, а тоа го потенцираше и селекторот, да одиме чекор по чекор и да мислиме од меч во меч, почнувајќи од Украина. Она што е поставено како тактика и договор мора да се испочитува“, вели Талески.
Иако сме фаворити, левиот бек потенцира дека никако не смее да се потцени противник како Украина.
„Против Украина сме фаворити на хартија, но на теренот е друго, нема фаворити. Во последниве неколку години се покажува дека не секогаш фаворитот победува, нема опуштање, договорот мора да биде спроведен со 100 отсто, со добра одбрана и без технички грешки. Ќе одлучува нашата одбрана и со брзи и лесни голови доколку го оствариме тоа. Максимално фокусирани, добро да се браниме и со брзи голови да стигнеме до позитивен резултат за нас“, заврши Талески.
Од групата во која е и Македонија, денеска играат и домаќинот Австрија против Чешка.