Француската тенисерка Хармони Тан ја елиминира Серена Вилијамс во првото коло на гренслемот Вимблдон во маратонски меч кој беше одлучен во супер тај-брејк во третиот сет, а по мечот Тан изјави дека се плашела од противничката, иако таа веќе не е во старата форма кога по повеќе од една деценија доминираше во женскиот тенис.
Американката која има 40 години е седумкратна освојувачка на Вимблдон, но неодамна почна да тренира и одамна нема играно официјален меч, што се виде во финишот. Сервираше за победа во третиот сет при 5-4, па при 5-6 спасуваше меч-топка на противничката. Во супер тај-брејкот, кој се игра до 10, Серена водеше со 4-0, но на крајот загуби од дебитантката.
„Ова е како сон, прва победа на трева, и тоа против Серена. Кога бев мала, ја гледав на телевизија. Жената која ме тренира играла против неа пред 20 години. Таа е легенда, има 23 гренслем-титули и ми беше страв што бев спроти неа на терен“, изјави Тан, која е 115-та на ВТА-листата.

