Ракометниот прволигаш Прилеп продолжува активно да се засилува пред стартот на новата сезона, а денеска беа официјализирани два важни новитети кои значително ќе го подигнат квалитетот на екипата.
Наум Танески е новиот шеф на стручниот штаб. Станува збор за искусен стратег кој сезонава успешно ја водеше РК Струга, обезбедувајќи опстанок во Суперлигата. Танески е и актуелен селектор на младинската репрезентација на Македонија, а сега со нова енергија и амбиција го презема Прилеп.
Покрај тренерската промена, клубот донесе и големо играчко засилување, Димитар Димитриоски. Левото крило, кое може да покрие и позиција среден бек, се враќа во родниот град по неколку години во странство. 27-годишниот Димитриоски доаѓа од шпанскиот Ваљадолид, каде што му истече договорот. Во својата кариера настапуваше и за Еурофарм Пелистер 2, Вардар 1961 и Металург.
Прилеп со овие потези јасно покажува дека новата сезона ја дочекува со сериозни амбиции и планови за подобро позиционирање во елитата на македонскиот ракомет.