Ракометните репрезентативци на Македонија Марио Танкоски, Мартин Велковски и Мартин Поповски се позитивни на ковид-19 заедно со уште тројца тренери, информира Ракометната федерација на Македонија.
Во пресрет на квалификациските натпревари за обезбедување пласман на ЕХФ ЕВРО 2022, со репрезентациите на Финска и Швајцарија, согласно протоколот од ЕХФ и протоколот за спроведување на ракометните натпревари, Ракометна Федерација на Македонија пред започнување на собирот, спроведе тестирање на ракометарите и стручниот штаб на сениорската машка ракометна репрезентација за рана детекција на ковид-19.
Со Финска ќе играме на 4 ноември во Скопје, а потоа на 7 ноември имаме гостување кај Швајцарците во квалификациите за настап на ЕП 2022.
Еве го сопштението на РФМ:
„Ве информираме дека следните лица коишто се дел од машката сениорска ракометна репрезентација се позитивни на корона-вирусот:
Александар Царчев – тренер на голмани
Никола Матлиески – помошник тренер
Радослав Стојановиќ – помошник тренер
Марио Танкоски – ракометар
Мартин Велковски – ракометар
Мартин Поповски – ракометар
Ве известуваме дека контактите се изолирани и ракометарите и стручниот штаб кои се позитивни немале контакт со останатите тестирани членови на репрезентацијата кои се негативни на повеќе последователни спроведени тестирања.
Согласно Протоколите за спроведување на натпревари донесени од Владата и документот издаден од Европската ракометна федерација EHF Hygiene Concept за спроведување на натпревари не е предвидена прес-конференција/брифинг со медиуми.
Се замолуваат претставниците на медиумите да имаат разбирање и да се почитуваат предвидените протоколи за секоја измена на состојбата, а во врска со претстојниот собир РФМ ќе излезе со соопштение“, објавија од РФМ.