Македонската кошаркарска репрезентација продолжува со настапите во претквалификациите, а селекторот Марјан Илиевски може да смета на бекот Виктор Ташовски и за претстојните дуели со Унгарија (9 август, Солнок) и Романија (13 август, Орадеа).
Ташовски доби минути на премиерниот натпревар против Романија во Куманово, иако како што самиот вели, одиграл „во рамките на своите моментални можности“.
„Одигравме релативно добро, но нашето неискуство беше пресудно. Сѐ уште сме млада репрезентација со неколку дебитанти“, изјави Ташовски, додавајќи дека намалувањето на грешките е клучот за подобар резултат.
Според него, еден од сегментите што бара подобрување е транзицијата.
„Во дуелот со Унгарија треба да ги минимизираме грешките. Транзицијата ни беше делумно добра, но со подобрување во тој дел, верувам дека можеме да постигнеме и подобар резултат на гостински терен.“
И покрај улогата на аутсајдер, Ташовски не губи верба и верува во победи.
„Македонија треба да даде максимум. Ќе бидеме аутсајдери, но ништо не е нереално. Ќе одиме на победа и против Унгарија и против Романија. Верувам дека можеме да ги добиеме двата натпревара“, истакна бекот на националниот кошаркарски тим.