Легендата на Реал Мадрид, Роберто Карлос (51), наводно се преселил во спортските објекти на Кралскиот клуб по разводот од Маријана Луцон, открива „Естадио Депортиво“. Бразилецот, кој е татко на најмалку 11 деца со седум различни жени, се соочува со компликуван развод по повеќе од 15 години брак.
Тој беше во брак со Маријана Луцон од 2009 година, а се очекува разводот да биде сложен поради поделбата на богатството на поранешниот фудбалер, кое се проценува на околу 160 милиони долари.
Според бразилски извори, родителите на неговата жена живеат во една од неговите вили, додека Маријана Луцон засега останува во главната куќа, така што Роберто Карлос се преселил привремено во спортските објекти на Реал Мадрид, каде работи како член на маркетинг и менаџмент тимот.
Реал во својот комплекс има соби со пет ѕвездички, кои играчите понекогаш ги користат за да преноќат по потреба. Една од таквите соби ја користи и легендарниот Бразилец, а Шпанците пишуваат дека тој спие во собата покрај теренот за тренинг.
Карлос играше 11 години во Реал, а денес, во 51-ата година од животот, работи како амбасадор на клубот. Имаше кратка и не толку успешна тренерска кариера во Турција, каде што ги водеше Сиваспор и Ахисарспор. Како играч, Карлос постигна 70 голови во единаесетте години за Реал Мадрид, играјќи на позицијата лев бек и беше познат по својот моќен удар.