Таткото играше историски меч, синовите бијат уште поважна битка: Македонија е во транс, можеме до ново чудо

Познатиот македонски фудбалер, Бобан Бабунски, кој е татко на двајцата наши репрезентативци, Давид и Доријан во изјава за португалскиот медиум „А Бола“ вели дека Македонија се подготвува за ново чудо.

Бобан веќе играше историски меч за Македонија, и беше во составот против Словенија во Крањ во 1993 година, кога победивме со 4:1 во првиот меч како независна држава.

Сега неговите синови Давид и Доријан ќе бијат уште поголема фудбалска битка, за три дена во Порто против Португалија, за прв настап на Македонија на Светските првенства.

„Овде е лудница и Македонија е во фудбалски транс. Победата против Италија е првокласна сензација и сега сите веруваат во ново чудо и победа против Португалија за пат на Мундијалот во Катар. Борбени се, не се надевајте дека се уморни, а беа фантастични против Италија. Таква битка и поддршка еден за друг немало оддамна во нашата репрезентација. Сега и мотивите се до небо, тие веруваат во чудо и имаат неверојатна поддршка од целиот народ. Ако треба ќе изгинат на терен, но нема да се предадат. Португалија секако е фаворит, има монструозни офанзивци од калибарот на Роналдо, Жота, Феликс, и мајстори во средниот ред како Бернардо Силва, но не очекувам да притискаат високо како Италија. Очекувам голема битка и верувам дека нема да и биде лесно на Португалија како што очекуваат многумина“, изјави Бобан Бабунски.

Давид и Доријан не играа против Италија, останаа на клупата за резерви, но се подготвени да помогнат, ако селекторот Благоја Милевски одлучи да им даде минутажа во Порто на 29. март.

Победникот од мечот меѓу Португалија и Македонија ќе игра на Мундијалот во Катар. Португалците имаат 7 учества на Светските првенства, а Македонија бие историска битка за прв настап на Мундијалите.

 

- Оглас -

Најнови вести