Некогашната суперѕвезда на Барселона и Пари Сен Жермен, Нејмар, повторно е во фокусот на вниманието, барем кога се работи за тоа каде ќе игра во новата сезона. На Бразилецот му истекува договорот со Сантос и сега е во потрага по нов клуб.
Таткото на Бразилецот, Нејмар Сантос Сениор, кој работи и како менаџер на Нејмар Јуниор, вели дека многу клубови се интересираат за потписот на неговиот син.
„Гледам дека на пазарот има интерес. Ќе одиме во Мајами на преговори со заинтересираните клубови. Ќе ги слушнеме нивните понуди, па ќе одлучиме. Меѓу заинтересираните има и клубови од Европа. Некои од нив играат и во Лигата на шампионите. Знаат дека Нејмар може да има одлична сезона. Во опција доаѓа и бразилскиот пазар, како и останување во Сантос до 2026 година, односно до почетокот на СП 2026“, вели таткото и менаџерот на Нејмар.
Нејмар има одиграно 128 меча во дресот на бразилската репрезентација и досега постигнал 79 гола. Тој е најдобар стрелец во историјата на петкратниот светски првак, а само Кафу со 142 меча има повеќе настапи за Кариоките.
Во сезонава којашто заврши, Нејмар одигра 14 меча за Сантос, а постигна три гола. Претходно беше повреден речиси една година.
Нејмар го држи рекордот и за најскап трансфер, откако во 2017 година за 222 милиони евра си замина од Барселона за да го облече дресот на ПСЖ. Бразилецот играше и за Ал-Хилал во Саудиска Арабија.