Новинарот на кумановската „Опен ТВ“, Решат Ибраими, беше во домот на семејството Димитриевски веднаш по големата победа на Рајо Валјекано против Реал Мадрид во малото мадридско дерби и разговараше со таткото на нашиот репрезентативец Столе Димитриевски.
Столе брани импресивно долг период, а завчера со соиграчите први го урнаа Кралот на шпанскиот фудбал во Ла Лига оваа сезона.
Во малото мадридско дерби, Рајо славеше со 3:2 и прв го порази најтрофејниот шпански и европски клуб во шпанското првенство сезонава.
„Се радувам, како не. Секој успех на Столе и на Рајо Валјекано е посебен за нас. Победа против Реал Мадрид е нешто специјално, а мечот беше импресивен. Имаше сè што го прави фудбалот најважната споредна работа на светот. И голови и пресврти и акции и удари кон двата гола, а кога ќе го победиш Реал, тогаш радоста нормално е огромна“, вели Марјан Димитриевски, таткото на Столе.
Во интервјуто со Ибраими, Димитриевски сениор истакна дека цело Куманово се радува на успесите и добрите одбрани на неговиот син и кога се работи за Рајо Валјекано и за македонската репрезентација.
„Секако дека кумановци се гордеат со успесите на Столе. Честитаат соседи, блиски, пријатели, познати и непознати, за секоја добра одбрана, за секоја победа и успех. Спортот има магија да ги зближува луѓето, да ги радува, да нè прави горди, па така и во нашиот случај“, вели Димитриевски сениор.
Го потенцираше и интересот на Барселона минатата зима, со напомена дека сепак трансферот не се случи поради вториот голман на Каталонците, Бразилецот Нето, кој не си замина навреме.
Таквиот расплет на настаните и не излезе лоша варијанта за 28-годишниот голман родум од Куманово, кој продолжи да брани за Рајо Вајекано, и тоа извонредно во континуитет.
Сезонава Столе и неговите соиграчи ги победија гигантите Реал Мадрид, Валенсија и Севилја, а ремизираа со Барселона и Атлетико Мадрид или освоија 11 од можни 15 бода против екипи што заедно имаат дури 79 титули шпански првак.