Тажен крај за некогашниот голем талент: „не можам веќе, се распаѓам“

Во фудбалот има играчи кои се на теренот и по 25 сезони, но има и такви на кои кариерите им траат многу кратко. Еден од оние кои важеше за голем талент, но многу патеше во текот на кариерата, сега стави крај на активното играње и тоа на само 31 година.

Се работи за Андреа Конти, некогашниот италијански репрезентативец кој едноставно не успеа да го истакне целиот свој талент што го поседува. Своевремено Конти играше на десната бековска позиција во Милан, но едноставно не доживеа да има кариера каква што некои му предвидуваа.

Синоќа, Конти и официјално соопшти дека ја завршува кариерата.

„Исцрпен сум. Имам многу физички проблеми, имам повреди, но и разочарувања од последните неколку години. Во последните три години одиграв само три меча и јасно е дека тука е крајот. Морате да бидете свесни за ситуацијата во која се наоѓате. Веќе не можам да издржам и тоа е мојата конечна одлука. Само ова ќе го кажам, доста е. ја изгубив надежта. Знаев дека нема да биде лесно откако го раскинав договорот со Сампдорија. Во последните неколку месеци никој не ме повика и затоа е најдобро да ја прифатам реалноста. Уште не знам што ќе работам во иднина. Можеби ќе продолжам во фудбалот како тренер, но уште е рано да донесувам одлуки. Уште не можам да се помирам со тоа дека играчката кариера ми заврши“, разочарано коментираше Конти.

Во кариерата, Конти започна како јуниор во Аталанта, а потоа играше за Перуџа. Во 2017 година за 24 милиони евра направи трансфер во Милан и со Росонерите стана првак на Италија. Таа сезона беше повикан и во репрезентацијата на Италија и одигра еден меч во националниот состав.

Потоа беше даден на позајмица во Парма, за да на крајот замине во тимот на Сампдорија. Делува неверојатно, но Конти во текот на кариерата доживеа дури 17 повреди, па јасно е зошто мора да го напушти активното играње на само 31 година.

- Оглас -

Најнови вести