Стив Томпсон, поранешниот член на англиската рагби-репрезентација, не се сеќава дека бил еден од хероите во освојувањето на Светското првенство во 2003 година.
Сега 42-годишниот Томпсон боледува од деменција и поради тоа не може да се сети на овој клучен дел од неговата кариера, а жали што порано не се повлекол од рагбито. Честите удари во главата предизвикаа Томпсон да се разболи од деменција, па сега не може да води нормален живот.
„Не се сеќавам на тој период, ниту дека сум бил во Австралија. Го гледам натпреварот од финалето во 2003 година, се гледам себеси на теренот, а не можам да се сетам дека воопшто сум играл. Кога ќе ја сумирам целата кариера, подобро ќе беше никогаш да не станев професионалец. Додека работев како градежник, на тренинг одев двапати неделно, а потоа ангажманите станаа почести. Многу играчи посакуваа слава, мене тоа никогаш не ми беше целта во животот. Да можев да се вратам во времето, ќе одберев нормален живот, па и оваа тешка дијагноза немаше да ми прави проблеми. Жал ми е што порано не ја завршив кариерата“, истакна Томпсон за англиските медиуми.