Сонародниците Жозе Мурињо (55) и Кристијано Роналдо (33) три години беа заедно во Реал Мадрид, но овие самобендисани Португалци никогаш не се сакаа премногу, и тоа јавно го признаваат.
Утре во Манчестер, Мурињо со Јунајтед е домаќин на Јувентус, чија прва ѕвезда е Роналдо. Затоа, освен враќањето на Роналдо на „Олд Трафорд“, каде што се прослави во светот на фудбалот, во центарот на вниманието е неговиот однос со тренерот на „црвените ѓаволи“. Двајцата се големи егоисти и веројатно тоа ги оддалечи еден од друг.
Тие веројатно ќе се поздрават и ќе си разменат по некој збор, но тоа ќе биде студено, без преголема љубов. Мурињо беше тој што почесто го критикуваше Роналдо, но и фудбалерот не остануваше покус.
Роналдо има само еден постигнат гол (во дресот на Манчестер против Интер во март 2009) на 14 меча против екипи кои ги водел Мурињо, а Жозе има само еден пораз во пет соочувања со Јуве. Кристијано еднаш има играно против Манчестер на Мурињо, и тоа на европскиот Суперкуп во Скопје.