Раководството на регионалната кошаркарска АБА лига в среда ќе одржи Собрание на кое ќе донесе некои важни одлуки, и тоа кои тимови ќе добијат вајлд-карти и каков ќе биде новиот систем за натпреварување со оглед на тоа дека бројот на клубови веројатно ќе се зголеми на 18 или 20 (може да останат и 16), а ќе има и екипи кои не се од порнешна Југославија.
Се најавува дека ќе се укине плејофот за финалето, и за првак би се одлучувало на фајнал-фор турнир. Исто како во Евролигата, прво би имало четвртфинале, а потоа и Ф4 турнир.
Новина ќе биде и воведување на награден фонд кој ќе биде поголем од 1, а помал од 2 милиони евра.
Треба и да се одлучи кои клубови ќе добијат специјални покани. Први во редот за чекање се Цибона и Морнар кои треба да плата по 200.000 евра ако сакаат да бидат дел од јадранската лига. Влез во АБА сакаат и Клуж и Виена, како и Хапоел Тел Авив, а тие ќе треба да платат по 1,5 милиони за тригодишно гарантирано играње во лигата.
Македонија следната сезона нема да има свој тим во главната АБА лига, но ќе има три претставници во АБА 2 и тоа МЗТ Скопје Аеродром, ТФТ и Куманово.