Сапуницата околу Марцело Брозовиќ и неговиот трансфер во саудискиот Ал-Наср, денеска доби нова епизода, со што случувањата сè повеќе наликуваат на шпанска серија.
Во моментите кога се чекаше официјална потврда дека Хрватот ќе му стане соиграч на Роналдо, повторно трансферот не може да се реализира, а овој пат поради Интер.
Имено, челниците на Нераѕурите буквално збеснале поради одлуката на Ал-Наср, претходно договорената отштета од 23 милиони евра, да ја намалат на 15 милиони.
Поради тоа, челниците на Интер ги прекинале преговорите, објави новинарот Џанлука ди Марцио.
Сагата околу трансферот на Брозовиќ започна откако фудбалерот откри дека тој не сака, но неговите агенти инсистираат да потпише за Ал-Наср. Потоа Брозовиќ неколку дена им се криеше на претставниците на Ал-Наср во Загреб одбивајќи средба, се додека не му ја зголемија платата и наместо 20 милиони евра, не му понудија 30 милиони по сезона.
Тој вчера се согласи да потпише за саудискиот тим, но денеска Интер одлучи да ги прекине преговорите, а италијанските медиуми пишуваат дека сапуницата нема да заврши и ќе има нови продолженија.