Екипата на Манчестер јунајтед сензационално го заврши настапот во европските купови оваа сезона откако во конкуренција на Баерн Минхен, Копенхаген и Галатасарај заврши на последното место во групата само со една победа и едно реми, но и рекорден број примени погодоци, 15.
На Црвените ѓаволи не им цветаат рози ниту во домашното првенство, па сè погласни се шпекулациите дека тренерот Ерик тен Хаг ќе добие отказ. Веќе се споменуваат и имињата на тренерите кои би го замениле, но во прв план во моментов избива поранешниот хит-тренер на Брајтон, Греам Потер.
Четирисет и седумгодишниот стратег во моментов е без ангажман откако си замина од кормилото на Челзи, каде што и не се прослави.