Манчестер јунајтед и Ерик тен Хаг ја прекинаа соработката кон крајот на октомври, а на местото на Холанѓанецот треба да пристигне португалскиот стратег Рубен Аморим. Додека Аморим ги заврши потребните административни работи, тимот привремено ќе го води легендарниот Руд ван Нистелрој.
Во медиумите во Англија се појавија информации за односот на Тен Хаг со одредени фудбалери. Според истите извори, холандскиот стратег остро го критикувал Маркус Рашфорд поради неговите настапи.
Тен Хаг сметал дека Рашфорд не е на потребното ниво на професионализам. Особено го критикувал неговиот начин на живот, кој според него, не бил ни приближно спортски и влијаел на неговата игра на теренот.
„Потребно е да го подобри својот начин на живот, својот став на тренинзите и натпреварите. Кога ќе може да биде професионалец, тогаш ќе игра најдобро што може. Не може да биде професионалец со вакво однесување“, изјави Тен Хаг.
„Сите играчи во Премиер лигата, а особено во овој клуб, знаат дека е потребна издржливост. Нему му е потребна и поддршка, но никој не може да му помогне ако самиот не си помогне“, истакна холандскиот стратег кој замина од „Олд Трафорд“.
Рашфорд во оваа сезона одигра 15 натпревари за Манчестер јунајтед во сите натпреварувања, постигнувајќи четири гола и три асистенции.
Иако на прв поглед тоа не изгледа толку лошо, статистиката во Премиер лигата е далеку од идеална.
Во Премиер лигата, Рашфорд одигра девет натпревари и постигна само еден гол.
Она со што може да се пофали е Лига купот, каде што на два натпревари забележа два гола и една асистенција.