По поразот од Себастијан Баез на турнирот во Рио де Жанеиро, бразилскиот тенисер Томаз Белучи објави дека се повлекува од активното играње тенис.
Белучи има 35 години, а познат е по тоа што во 2016 година на Мастерсот во Рим првиот сет против Новак Ѓоковиќ го доби со 6-0. Потоа Новак направи пресврт, го доби мечот, но Белучи ќе се памети како еден од само петте тенисери кои му направиле „марс“ на Србинот и добиле сет против него без да загубат гејм.
Белучи во кариерата освои четири турнири, на гренслемите најдалеку стигна до четврто коло, а највисоко што бил рангиран на АТП-листата му беше 21-вото место. Во моментов е дури 915-ти, но цела година немаше играно поради повреди на коленото, а на турнирот во Рио влезе со вајлд-карта.