Еден од најпознатите тениски тренери во светот, Патрик Муратоглу, даде свое мислење зошто тенискиот турнир на Олимписки игри не им е толку привлечен на играчите.
„Не постои силна врска помеѓу тенисот и Олимписките игри. Многу тенисери не ги чувствуваат ОИ како толку важен настан. На почетокот тенисот бил на олимписката програма, потоа го тргнаа, па потоа го вратија. Како последица на тоа, нема историска поврзаност. Играчите мислат дека грен-слемите се 100 пати поважни од ОИ“ – рече Муратоглу.
Наредната година ќе се одржат Летните олимписки игри во Париз, а олимпискиот тениски турнир ќе се игра на терените на „Ролан Гарос“.
Во богатата кариера на Новак Ѓоковиќ недостасува само тој трофеј, па Србинот најави дека сака да игра во Париз и да се обиде да го освои златото. Од „големата тројка“, само Рафаел Надал има освоено злато на олимписки турнир во сингл, додека Роџер Федерер има злато во дубл.