Јапонската тенисерка Мију Кaто и нејзината партнерка Алдила Сутџијади службено го загубија дуелот во двојки во женска конкуренција, и тоа поради еден немил момент. Во вториот сет, по завршување на еден поен, Като удри едно топче, кое заврши директно во девојчето задолжено за собирање на топчињата.
Девојчето почна да плаче, а судијата реши дека тоа е неспортски потег поради кој Като и Сутџијади службено го загубија дуелот. Казната за Като е драстична затоа што неа ѝ се одземени парите кои требаше да ги добие за учеството на Ролан Гарос, а нема да ѝ се пресметаат ниту ВТА-поените.
A controversial ending to a women’s doubles match as Kato/Sutjiadi were disqualified for hitting a ball girl
pic.twitter.com/qaFHF8UpnT
— Eurosport (@eurosport) June 4, 2023
„Сакам искрено да му се извинам на девојчето кое ги собираше топчињата, да ѝ се извинам на мојата партнерка Алдила, како и на сите во мојот тим и моите навивачи за несреќната случка. Сосема ненамерно беше удирањето и поради тоа сум казнета со исфрлање од Ролан Гарос, одземен ми е наградниот фонд и ВТА-поените“, рече Като.
Тенисерките кои беа притивнички на Като и Сутџијади веднаш му сугерираа на судијата дека има ситуација која треба да биде санкционирана.
„Не го видов моментот на ударот, само видов девојче кое 15 минути не престануваше да плаче. Само го слушнавме моментот и од судијата само побаравме подобро да ја разгледа целата таа ситуација затоа што девојчето не престануваше да плаче“, рече Марија Бузукова, која заедно со својата партнерка Сара Сорибес продолжија во следната фаза.
Сличен инцидент со удирање на топче на линиски судија имаше и Новак Ѓоковиќ на Отвореното првенство на САД во 2020 година, кога Србинот беше исфрлен од турнирот, но не му беа одземени АТП-поените.