Сергеј Стаховски е украински тенисер кој спортската кариера ја заврши на почетокот на оваа година. Беше елиминиран во квалификациите за Отвореното првенство на Австралија и реши дека на 36 години е време да оди во спортска пензија.
Само еден месец по одлуката да се откаже од професионалното играње тенис, Стаховски донесе друга голема одлука. Се пријави како доброволец во украинската војска за да ја брани својата земја од руските напади.
Украинецот кој во кариерата има освоено четири АТП турнири, открива како му е во новата улога на војник.
„Децата не знаат каде сум отиден. Жена ми цел ден не ми зборуваше кога и ја кажав одлуката дека одам во војна. Немав време за обука, но знам да користам пиштол. Во воздушна борба немаме шанси со Русите, но во борба на земја сме посилни затоа што ние сме на својата земја, а тие доаѓаат без морал“, вели Стаховски.
Украинецот додава дека Новак Ѓоковиќ е единствен меѓу најдобрите тенисери во светот со кого контактирал и кој се интересирал како му е.
„Новак ми испрати порака со поддршка, дури и малку позборувавме. Безуспешно се обидував да контактирам со Федерер и Надал. Жал ми е што тие решија да молчат. До некаде и ги разбирам, ова не е нивна војна“, рече Стаховски, кој најголемата победа во кариерата ја имаше токму над Роџер Федерер на Вимблдон во 2013 година.