Францускиот тенисер Артур Риндеркнех и неговиот братучед од Монако, Валентен Вашеро, напишаа една од најневеројатните приказни во историјата на Мастерс 1000 турнирите, стигнувајќи до финалето во Шангај со победи во полуфиналето против фаворизираните Новак Ѓоковиќ и Данил Медведев.
За 30-годишниот Французин, ова ќе биде второ финале на АТП во кариерата, а 26-годишникот од Монако кој го совлада Ѓоковиќ, е на дури 204-то место на АТП листата.
Во првото полуфинале во саботата, Вашеро го шокираше Новак Ѓоковиќ, победувајќи го со 6-3, 6-4 за 102 минути и стана најниско рангираниот тенисер кој стигнал до финале на Мастерс 1000.
Семејната бајка потоа ја претвори Риндеркнех во реалност, со триумфот над Медведев со 4-6, 6-2, 6-4. Откако доби честитки од Медо и судијата, на Риндеркнех му честиташе и неговиот противник во финалето, Вашеро, кој истрча по теренот за да го прегрне својот братучед.
Иако се тесно поврзани, Вашеро и Риндеркнех никогаш не се сретнале ниту на АТП турнејата ниту на Челинџер турнејата.
Доколку успее да ја освои титулата, Вашеро ќе заработи 1.124.380 американски долари, што е речиси двојно повеќе од неговата вкупна заработка во кариерата до овој турнир. Со пласманот во финалето, тој обезбеди скок од 204-то на 58-мо место на АТП ранг-листата, а титулата би му донела напредок на 40-та позиција. Доколку Риндеркнех победи, ќе скокне на 22-ро место, а доколку изгуби, ќе биде на 28-ма позиција.