На 30 април 1993 година се случи еден настан кој сите би сакале никогаш да не се случеше, настан кој остави и негативни последици за светскиот тенис. Психопатот Гинтер Пархе ја прободе со нож во грбот некогаш една од најдобрите тенисерки на светот, Моника Селеш. Тоа се случи во Хамбург, за време на меч на Србинката, која потоа настапуваше под знамето на САД, против Бугарката Магдалена Малеева.
Инцидентот се случи при резултат 6-4, 4-3 за Селеш, која беше голема ривалка на Германката Штефи Граф, а напаѓачот Пархе бил фан на Граф и сакал да ја уништи кариерата на ривалката. Реално, тој успеа во тоа. Селеш преживеа, но психолошката рана остави трауматични последици врз новосаѓанката, Селеш од тенисот паузираше цели две години.
Пархе, кој три дена пред нападот првпат го напушти родниот град Герзбах, ја нападна „Малата Мо“ со нож чие сечило беше 23 сантиметри, влета на теренот и од зад грб ја прободе Селеш во пределот на „лопатката“. Кога беше нападната, Селеш имаше 19 години и беше прва на ВТА-листата. По враќањето, веќе никогаш не беше истата доминантна тенисерка. Селеш освои девет гренд-слем турнири, од кои осум пред да биде прободена. Подоцна славеше и на Отвореното првенство на Австралија во 1996, како Американка.
Пархе беше проглаен за непресметлив и не лежеше во затвор, туку две години мина во психијатриска болница. Моника одлучи веќе никогаш да не игра во Германија. Оваа случка ја промени историјата на тенисот и оттогаш се засили безбедноста на тениските турнири.