10.8 C
Skopje
понеделник, 1 декември 2025

Тенискиот свет во жалост, почина најголемиот италијански тенисер на сите времиња

Легендарниот италијански тенисер Никола Пјетранџели, двоен шампион на Ролан Гарос и првиот Италијанец кој освоил гранслем-титула, почина на 93-годишна возраст, соопшти Тениската федерација на Италија.

„Италијанската федерација ја жали својата икона. Единствениот Италијанец примен во Светската тениска куќа на славните, Никола Пјетранџели, почина на 93 години“, се наведува во соопштението.

Пјетранџели, роден 1933 година во Тунис, долго време, пред појавата на Јаник Синер, беше сметан за најголемиот италијански тенисер во историјата.

Во текот на кариерата, која се одвиваше претежно пред отворената ера, тој освои 48 титули во сингл, вклучувајќи ги и Ролан Гарос во 1959 и во 1960 година.

На париската земја загуби уште две финалиња, од Шпанецот Мануел Сантана во 1961 и 1964 година.

На својата омилена подлога, земја, освои и три титули на турнирот во Монако (1961, 1967, 1968) и две во Рим (1957, 1961).

Пјетранџели стигна и до полуфиналето на Вимблдон во 1960 година.

Неговата кариера е одбележана и со Дејвис купот, во кој одигра рекордни 164 меча, во сингл и двојки, со вкупно 120 победи. Иако никогаш не ја подигна престижната титула како играч, губејќи во финалето од Австралија во 1960 и 1961 година, тој беше селектор на Италија кога таа селекција првпат го освои трофејот во 1976 година.

Еден од најголемите терени на Форумот Италикум, на Мастерс турнирот во Рим, од 2006 година го носи неговото име.

- Оглас -

Најнови вести