Тениските титани одиграа спектакуларен меч, никогаш не се играло толку доцна во ноќта на Ролан Гарос

Рафаел Надал ќе има можност да ја освои и 14-тата титула на Ролан Гарос по спектакуларната победа од 3:1 во сетови против бранителот на пехарот Новак Ѓоковиќ во мегадуел на двајцата тениски титани во четвртфиналето во Париз.

Шпанецот во драматичен меч победи со 6:2, 6:4, 6:2, 7:6 (4), а се играше четири часа и 12 минути и тенискиот спектакл заврши во 1 часот и 15 минути по полноќ, што е најдоцна за меч на Ролан Гарос.

Надал почна подобро и брзо поведе во 59-тиот меѓусебен дуел со Ѓоковиќ, но потоа следуваа возбудувањата.

Српскиот тенисер и прв носител на турнирот се разбуди по негативата од 0:3 во вториот сет и со серија од 6:1 израмни на 1:1 во сетови.

Надал повторно доминираше и пак доби сет со 6:2 и најави дека тој ќе игра во полуфиналето против Александер Зверев.

Последниот сет беше и најинтересен, а Новак прокоцка предност од 5:2 и потоа во тајбрејк загуби со 7:4 во поени и ја заврши мисијата за одбрана на титулата.

„Ова е незаборавна ноќ за мене на терен, турнир и град што се најважни во мојата кариера. Новак Ѓоковиќ е фантастичен тенисер, еден од најдобрите на сите времиња и уживав во нов одличен дуел со него. Сè уште не сум освоил ништо, треба да играм и полуфинале и се надевам дека ќе успеам да ја остварам целта. Публиката беше извонредна како и секогаш на Ролан Гарос, најважното место во мојата кариера“, изјави Надал.

Во меѓусебните дуели сега е 30:29 за Ѓоковиќ, но Надал има шанса за рекордната 14-та титула на Ролан Гарос и вкупно 22-ра гренслем-титула, со што би им побегнал на Новак и на Федерер, кои имаат по 20.

„Загубив од подобриот тенисер денеска. Можеби можев и подобро, но среќен сум што се борев докрај за секој поен“, рече Новак по поразот во спектакуларното четвртфинале во Париз.

 

 

- Оглас -

Најнови вести