По двата пораза во последните пет дена, од Жирона во Ла Лига и од Антверпен во Лигата на шампионите, тензично е во Барселона и во клинч влегоа тренерот Чави Ернандес и спортскиот директор Деко.
Шпанскот новинар Жерар Ромеро објави дека имало голема кавга меѓу Чави и Деко поради различните изјави во јавноста.
Чави во вторникот изјави дека играчите Роберт Левандовски, Илкај Гундоган и Роналд Араухо се додадени на списокот на фудбалери кои треба да патуваат во Белгија иако тоа не била првична намера на тренерот.
„Списокот на играчи е договорот со самите нив, претседателот и со Деко“, беа зборовите на Чави на прес-конференцијата.
Но, потоа се огласи спортскиот директор Деко, кој ги демантира зборовите на тренерот.
„Ништо не сме се договориле. Составување на списокот на играчи за натпреварот со Антверпен е работа на тренерот“, рече Деко.
Поради оваа изјава Чави му се налутил на Деко бидејќи го поткопал неговиот авторитет и во исто време испаднал смешен пред јавноста.
Чави се наоѓа под притисок бидејќи Барселона загуби на пет од последните девет натпревари, а навивачите и дел од управата му се лути бидејќи ниту еднаш не ја презеде врз себе одговорноста за слабите резултати, туку изговори бараше во повредите и во фудбалерите.